01 June 2009

Секс, не благодарам

Откако е редизајниран (ако тоа може да се нарече дизајн) новиот Вест, има воведено бројач на посети на секоја статија. Сличен бројач постои и на ИДИВИДИ. И благодарение на тоа приметив некои драстични бројки кои ми никнаа повеќе прашалници в глава.
Слободно може да кажам дека преку 90% од посетите на овие страни се сконцентрирани на ударните 3-4 содржини кои уредниците ги поставуваат на првите места. Чудно е како тие статии се отворени повеќе илијади пати, а содржини поставени во внатрешноста се отвораат одвај неколку десетици пати.
Јас имам две објаснувања за ваквата ситуација:
  1. Уредниците точно знаат што бара читатечската публика и токму тоа го форсираат, или
  2. Посетителите самите се ограничуваат и ги читаат само ударните содржини - чисто колку да се во тек.
Со оглед на тоа што знам колку луѓе го гледаат Јанко, колку се јавуваат на гатачи и колку им веруваат на фаци како Латас, сметам дека токму второто објаснување е релевантно. 
Па затоа имам еден предлог до уредниците:
Во текот на една недела статиите од типот: градите на пеачката, гаќите на актерот и разни сексуални совети да ги поставуваат низ внатрешноста на веб страните. Со тоа веднаш ќе се утврди дали стварно тие статии се најбарани, или пак навистина луѓето читаат само тоа што им се „сервира на тацна“. 
Сеуште се надевам дека определена сексуална статија не вреди 100х повеќе отколку статија за некој концерт, албум... 

18 May 2009

Твитам цела година

Стандардна биографија. Прво не ми се допаѓаше. После немав идеја зошто би служело такво нешто. После тоа го пробав, и еве ме денес - тежок твитераш.

Имам ~1100 твитови, следам 72, а ме следат 97 твитераши/твитерџии. 

Она што го издигна твитер во една од најатрактивните социјални мрежи е огромниот број на придружни апликации кои од сервисот формираат одлична целина, и практична и забавна. Твитерот е достапен преку мобилен, преку десктоп или броузерски апликации, постојат можности за смс примање/праќање... 

Постои нешто што ми смета кај сите социјални мрежи, а кое како ситуација се појавува и кај твитер: елитизам, или „мерење“ кој колку следи и колку го следат. Сепак, овде поради лесните можности за филтрирање овој феномен е во подносливи граници. 

Според мене, оптималното користење на твитер и користењето на неговите предности значи и следење на не повеќе од 100 твитерџии. Со неколку месечно филтрирање секој може да дојде до оваа бројка која ќе му овозможи одлично информирање и супер извор на ресурси. Со бројки од типот 500+ мислам дека губиш секаква ориентација, и тогаш твитерот го користиш како mIRC, и тоа ти одзезма премногу време.

Денес, најдов уште еден уникатен твитер сервис. Се вика Tweetbook.in (линк1 - линк2) и на секој корисник му овозможува сопствените твитови да си ги „издаде“ во форма на книга. Мојата книга во моментов има 64 страници и ќе продолжи да расте и натаму.

10 May 2009

Ние и Норвежаните

Владеачката партија бомбастично објави дека се добитници на престижна меѓународна награда, која го носи името „Линдберк“.


Гуглав да откријам за што всушност станува збор, оти некако многу штуро ми се виде сето тоа. Во прв момент и не открив нешто бомбастично, затоа што таква награда не постои под википедија. Од таму се префрлив на wiki-то на Конзервативната партија на Норвешка, и видов како всушност се пишува извесниот Линдберк. (
Sjur Lindebrække). Неговото wiki нема опис дека по него се доделува извесна награда, па од таму отидов на официјалниот сајт на Партијата

Сајтот е само на норвешки, ама по интуиција ги најдов „последните вести“, а таму и оваа вест: Høyres menneskerettighetspris til Makedonias regjeringsparti. Со помош на гугл транслејт го добив преводот на веста, а поради кубурење со интернет проток не можев да го изгледам и видеото. Ова е преводот на гугл: 
Conservative human rights award to Macedonia's government 

Jo Benkow handed over the award to Macedonia's Foreign Minister Antonio Miloshoski under the Conservative national convention in Oslo on May 9. 

Ruling party VMRO-DPMNE receive the prize for his efforts to promote democracy and human rights in Macedonia. 

The party has carried out major reforms that have contributed to increased welfare, more transparency in administration and increased legal protection in the country. This has meant that Macedonia is now closer to NATO and EU membership. 

Human Rights prize will be awarded each year at the Conservative national convention and is a memory cost for Sjur Lindebrække.


Еве сепак постои нешто такво, ама па тогаш друго нешто почна да ме мачи. 

Како Норвежани не наградуваат и не охрабруваат да влеземе во ЕУ, а тие абер немаат од такво нешто?

07 April 2009

Компарација, да не речам споредба

  • Скопје: Patty Smith, Kemal Monteno & Zvezde Granda, Passion de Buena Vista...
  • Нови Сад: Exit Fest: Arctic Monkeys, Moby, Korn, Kraftwerk, Madness, Carl Cox
  • Белград: Depeche Mode, Madonna
  • Софија: Depeche Mode
  • Загреб: U2
  • Загреб: T-mobile IN Music fest: Moby, N.E.R.D, Lilly Alen, Franz Ferdinand, Yeah Yeah Yeahs, Kraftwerk, Editors
Како и да споредуваш, ние сме нај ЈАКИ!

02 March 2009

Ребрендирање

Веднаш се очигледни резултатите од мојот бес во претходниот пост

Добив информација дека од денес стапува на сила ребрендирањето на извесната фирма он.нет која се занимава со се и сешто, само не со тоа што го рекламира.

Па така од денес фирмата ќе го носи името оф.нет. А еве го и ребрендираното лого:


01 March 2009

on.net sucks!

Хронологија на настани: 
Октомври 2006 - потпишан договор со он.нет на 2 години. 0.5Мб врска и 10Гб трансфер.
31.Јануари 2008 - потпишан анекс договор на 1 година за зголемување на брзината на 1Мб и трансферот на 15Гб.
31.Јануари 2009 - истекува анексот, а со тоа и првичниот договор со он.нет.
10-15 Јануари 2009 - одам во он.нет да се распрашам за нови услови под кои би го продолжил договорот:
- Ме интересира што би добил доколку продолжам со вас и во наредниот период, затоа што моменталните услови се целосно неконкурентни на пазарот?
- Он.нет престана со нудење на wadsl пакетот, така што во иднина ќе бидете префрлени на извесните ДУО пакети со телефон и интернет. Кои се многу постабилни и дрн-дрн и дрн-дрн.
- Добро, а со овој договор шо прајме?
- Овој договор не е проблем, секако веќе wadsl не постои, вие ќе бидете најверојатно префрлени на новите пакети...
- Добро, но јас сум подстанар, и немам намера да си го комплицирам животот со фиксен телефон, со координација со газдата итн... Ми треба само интернет...
- Не е проблем тоа, ние се ќе ви наместиме, а поради тоа што немате никакви обврски со телефонот кон т-хоум, нема многу да ви се одрази дрн-дрн-дрн, еве ги понудите, изберете што најмногу ви одговара...
Се вратив дома го најдов договорот и земав да го препрочитам...
Во него стои клаузула: Доколку корисникот не го најави раскинувањето на договорот, истиот автоматски се продолжува за една година... Занимливо, си реков... Наредниот ден се јавив на инфо-бројот да им најавам дека немам намера да го продолжам договорот... типката нешто почна да ми се „испонашува“, како требало пред 15 дена да го направам тоа. Велам, зошто?, па мене за 2-3 дена ми истекува договорот, и видов дека во истиот сте пишале дека автоматски ќе го продолжите, па еве јас најавувам дека го раскинувам... 
- Епа господине, штом сте виделе дека стои таа клаузула, сте виделе дека пишува раскинувањето на договорот да се најави еден месец порано.
- Млада дамо, јас не го раскинувам договорот, мене истиот ми истекува. И НЕМА ДА ГО ПРОДОЛЖАМ! А вие веќе кога знаете за истата таа подмолна клаузула, јасно е дека немате намера да ми се јавите и да ми кажете: Вака-и-вака, ви истекува договорот, гледаме дека над 2 години редовно го користите интернетот и си плаќате уште поредовно, па ние би сакале да ви понудиме нов договор под овие-и-овие услови...
Добив нешто како: не се прави многу паметен...
Истиот ден отидов во салонот во сити галери да го потпишам раскинувањето. И таму истите овие кавги наведени погоре, за да на крај најдеме соломонско решение: Следните 10-15 дена ќе дојдеме да ја демонтираме опремата, во тој период ќе имате интернет и ќе си платите само за деновите колку што ќе го користите интернетот...
Помина точно цел месец, и на 28.02.2009 во 15:30 добивам повик: Имате рок до 20 часот да се појавите во салонот во сити галери да си ја платите сметката за цел месец фебруари и пенал од 1.000 денари, во спротивно ќе ви се генерира сметка и за МАРТ!?!??! Ама што како... (и во стилот на али-џи) дис фонкол из овер!
И покрај тоа што имав редица други планови за тој ден - јасно беше дека ќе морам да мењам нешто во агендата... 
Отидов во сити галери. Викам, пред еден месец рековте за 10-15 дена ќе дојдете да си ја земете опремата, и дека ќе платам само толку денови, а сега барате од мене и пенали да плаќам!? по која основа?
- По основа што не сте најавиле на време дека го раскинувате договорот!? 
- А вам што ви требаше 30 дена да го разгледате моето барање - и да ми се јавите во сабота во 15:30 со ултиматум... колку пенали вам треба да ви се побараат?!
- Ние не одлучуваме за тоа, не се јавуваме никому, и системот сам генерира се!
Кавгите продолжија едно 15-20 минути, и секој што во тој момент доаѓаше во салонот го известував: ако си за нов договор со нив - оди си, не се заебувај како мене!
И на крај девојката реши дека треба сум среќен што нема да ми се издаде сметка за март. Платив со кредитна картичка, прво 1.000 денари пенал, а потоа и 1.286 денари, колку што е фактурата. Сосем случајно забележив дека втората наплата ми ја направи на 2.286!?
- Зошто?
- Чекај да видам!? Ауу системот така ми ја издаде!?
- Молам?!
- Еве, некако ми ја издаде на 2.286?
- И сега?
- Епа еве ќе ти дадам потврда, оди во Тутунска и повлечи си 1.000 денари?
- МОЛАМ, СЕГА И ПО БАНКИ ДА СЕ БАФТАМ?! Нема шанса!
- Добро бе дечко, еве од мој џеб ќе ти дадам 1.000 денари.. 
- Фала богу дека ќе ми дадеш, а за вашиот совршен систем викни го сега трендо да го дебагира!
Откако се расчистивме финансиски, ми даде потврда за сите плаќања и одговор на барањето за раскинување на договорот. Ама ништо не ми даде за опремата. Си излегов од таму и веднаш направив план: ОПРЕМАТА ОД МЕНЕ НЕ ЈА ДОБИВААТ.
Ќе ми стои во некој шкаф, ама битно не им ја враќам. 
Како спомен од едно големо другарство!

п.с. Споменот може и да избледне ако некому му треба моторола wadsl приемник! го давам по фер цена :)

06 January 2009

Почит кон 2008-ма

Го избегнав шпицот на пишување на ретроспектива на изминатата година од личен и општ аспект, ама и сега не е доцна, особено што сеуште сум на одмор. Улежан, скроз.
  1. Годинава за мене беше прилично активна. Приватно немаше многу драматики, а тоа секако ќе си го оставам за себе, а професионално имав ангажмани кои ме правеа среќен. Имаше периоди, а ќе ги има и во следниот период, во кои ќе посакувам денот да трае барем 34 часа, или барем да можам да издржам со спиење од 3-4 часа.

    Покрај главното работно место во ФорНет, големо внимание посветив во стартување на „фамилијарната“ фирма Брокер Инц. и развојот на порталот за инвеститори Брокер.ком.мк. Идејата стартуваше некаде во фебруари-март и од тогаш е во постојан и непрекинат развој. Резултатите се многу охрабрувачки, а како круна на вкупниот ангажман беше победата на WSA (World Summit Award) во категоријата е-бизнис. Брокер има уште дузина идеи кои треба да се реализираат во следниот период така што голем дел и од оваа година ќе ми биде посветен на овој производ.

    Останатите кои ме радуваат се Твој Дом, Мовенс, Improving-Performance, Партнер...

  2. Годинава ми беше омилена во поглед на растот на социјалните мрежи и разните веб ориентирани апликации. Кајмак.от и Твитер ми се фаворити. Најчесто поради нив и рсс-читачот не го стартувам со денови. Еве ја ретроспективата за 2008-ма што спонтано ја иствитавме.

  3. Музиката повторно ми беше голем другар, иако не сум баш среќен во поглед на албумите кои излегоа годинава. Скоро и да немаше изненадување, ами рутински изданија. Би ги издвоил Елементал, Аланис Морисет, МГМТ и се разбира Депеш Мод. Сите твитерџии знаат зошто :)

  4. Се навлеков на серии. Тоа е веќе официјално. Генерално според робусноста и времетрањето најмногу време ми одзема 24. Ги изгледав сите 6 сезони, филмот Редемпшн и интрото за седмата сезона. Ретко кој од поширокото мое опкружување го сака Џек Бауер, ама серијата ги заслужува сите мои комплименти. Дискутирам исклучиво од аспект на Ентертеинмент. 

    Особена почит истакнувам и кон How I met your Mother, The big bang theory и My name is Earl. Со првите две сум во тек, а со Ерл и Ренди сум на пола пат. 

    Сериите се „права ствар“ во моментов. Како витамини. Особено што годинава беше оскудна со добри филмови.

  5. Спортот како мој голем пријател исто така ми остави позитивни импресии. Моите тимови освојуваа титули, победуваа дерби натпревари, ми ствараа адреналин, ме полнеа со нервоза и ме забавуваа до крај. Фентази лигите во фудбал и нба кои ги играм ми се пасија. Олимпијадата беше периодот кога го користев годишниот одмор. Неколку пати одев на Градски и во „нашата убавица“ Борис Трајковски. И се радував. Ова беше одлична спортска година.

  6. За разлика од мојот „микрокосмос“ кој е симпатичен, реален и интересен, макро состојбата годинава е дно. Ќе гo линкувам овде пресниот пост на Паблишер, иако излегоа и „миљон“ други постови кај други блогери со жестоки критики кон се што се случува во државата: Вуна, Владо и др... Кампањи, Хунзи, Избори, Името, Лаги до бескрај. И слободно може да кажам ако некој е среќен со развојот на настаните во оваа замаглена и забарикадирана земја тогаш тој сигурно е подеднакво замаглен и забарикадиран од аурата на оваа власт.
Во новата 2009 си посакувам себе си за нијанса поуспешна година. Особено во делот со финансиите :)
На сите блогери, твитерџии, кајмакари им посакувам читани постови, интересни реакции и плодни и корисни дебати.
На Брокер.ком.мк му посакувам продолжување на растот со исто ниво. Да продолжи да и пркоси на кризата.
А на државата не и посакувам ништо.